news-bg

Новости

Проект:
ЗА ПРАВДА – СЛЕДЕЊЕ НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО 2019 – 2020

Анализа на донесените уредби со законска сила за време на вонредната состојба во 2020

Во период на светска пандемија без преседан, на државите им се наметна нужноста од преземање на најстроги мерки со цел да ја ограничат опасноста од зараза и понатамошното ширење на вирусот КОВИД-19. Соочени со опасноста за сериозно загрозување на јавното здравје, со можност за повторно појавување на опасноста, државите во светот беа принудени да преземат мерки со кои се ограничија одредени човекови права. Дилемите кои се јавуваат од оваа состојба, пред сѐ, се однесуваат на заштита на човековите права и овозможување на нивно остварување во насока на почитување на мерките кои ги наметна вонредната состојба, но и во склад со уставната поставеност и националниот контекст во секоја држава. Сепак, и покрај стремежот и напорите човековите права и слободи и понатаму да бидат заштитени, гарантирани и остварени, ескалирањето на ситуацијата која се наметнува како во национални така и во светски размери им наложи на државите ново привремено уредување на општествените односи кое е ограничувачко кон определен корпус на права и слободи.

По прогласената вонредна состојба во Република Северна Македонија на 18 март 2020 година, Владата се стекна со овластување да донесува уредби со законска сила сè до завршувањето на вонредната состојба на 23 јуни годинава. Уредбите кои беа донесени во овој период уредуваат широк спектар на прашања од значење за управување со кризата. Тие, пред сè, се однесуваат на постапување на органите на државата за управување и справување со кризата, овозможување здравствена заштита и функционирање на здравствениот систем, зголемување на јавните приходи, поддршка на економските субјекти, како и социјална заштита и поддршка на невработени лица, обезбедување јавни услуги во состојба на пандемија и продолжување на рокови или други дејствија за време на вонредната состојба кои поради пандемијата не можат или не е целисходно да се применат.

Со цел да овозможи систематизиран увид во законитоста и пропорционалноста на уредбите донесени за време на вонредната состојба поврзана со пандемијата од коронавирусот КОВИД-19, како и да се истражи неопходноста за нивното усвојување и спроведување во пракса, Блупринт групата за реформи во правосудството ја изработи оваа Анализа на правни акти донесени за време на вонредната состојба во март-јуни 2020 година. Подготовката на оваа анализа е дел од проектот „За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2020-2021“, поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија.

Целосната анализа е достапна тука

project-img