news-bg

Новости

Проект:

Најчесто поставувани прашања: Видови насилство врз жени и девојки

Насилството врз жените и девојчињата е една од најраспространетите повреди на човековите права во светот, кое се случува секој ден, повеќепати, насекаде низ земјината топка. Има сериозни краткорочни и долгорочни физички, економски и психолошки последици врз жените и девојчињата, спречувајќи го нивно целосно и еднакво учество во општеството. Големината на неговото влијание, како во животот на поединците и нивните семејствата, така и во општеството како целина, е немерлива. Условите создадени од пандемијата – вклучувајки ги карантините, намалената подвижност, зголемената изолација, стресот и економската несигурност - доведоа до алармантен пораст на семејното насилство и дополнително ги изложија жените и девојчињата на други форми на насилство, од детски брак до сексуално вознемирување преку Интернет. Одговорите на овие најчесто поставувани прашања даваат преглед на многу форми на насилство, како и на други најчесто употребувани термини што секој активист за родова еднаквост треба да ги има во вокабуларот.

Главни изрази

Родово засновано насилство

Родово засновано насилство (РН) се однесува на штетни дела насочени кон индивидуа или група на индивидуи врз основа на нивниот пол. Тоа е вкоренето во родовата нееднаквост, злоупотребата на моќта и штетните норми. Терминот првенствено се користи за да се потенцира фактот дека структурните, родови диференцијали на моќ ги ставаат жените и девојчињата во ризик за повеќе форми на насилство. Додека жените и девојчињата страдаат непропорционално од РН, мажите и момчињата исто така можат да бидат таргетирани. Терминот понекогаш се користи и за да се опише насилство насочено кон ЛГБТ+ популацијата, кога се работи за насилство поврзано со норми на мажественост/женственост и/или родови норми.

Насилство врз жени и девојчиња

Насилството врз жените и девојчињата се дефинира како секој чин на родово засновано насилство што резултира или може да резултира со физичка, сексуална или ментална повреда или страдање врз жени и девојчиња, вклучувајќи и закани за такви дела, принуда или неосновано лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавен или во приватен живот. Насилството врз жените и девојчињата опфаќа, но не е ограничено на, физичко, сексуално и психолошко насилство што се јавува во семејството или во рамките на општата заедница, и е извршено или поддржано од државата.

Жртва на насилство

Терминот преживеан од насилство се однесува на секое лице кое доживеало сексуално или родово засновано насилство. По значење е слично на терминот „жртва на насилство“, но генерално се претпочита затоа што подразбира издржливост.

Согласност

Не значи Не. Да значи Да. Согласност е договор помеѓу учесниците да започнат сексуална активност или да склучуваат брак. Мора да биде слободно и активно дадено и не може да ја даде некој кој е под дејство на дрога или алкохол или од некој малолетен. Согласноста е специфична, што значи дека согласноста за едно дело не подразбира согласност за други, и е реверзибилна, што значи дека може да се повлече во секое време.

Видови насилство врз жените

1. Семејно насилство

Семејното насилство, исто така наречено семејно злоставување или насилство од интимен партнер, е секое однесување што се користи за стекнување или одржување на моќ и контрола над интимен партнер. Ги опфаќа сите физички, сексуални, емоционални, економски и психолошки дејства или закани за дејствија што влијаат на другото лице. Ова е една од најчестите форми на насилство што ја доживуваат жените на глобално ниво.

Семејното насилство може да вклучува:

  • Економско насилство

Економското насилство вклучува правење или обид да се направи личност финансиски зависна со одржување на целосна контрола врз финансиските ресурси, оневозможување на пристап до пари и/или забрана за присуство на училиште или вработување.

  • Психолошко насилство

Психолошкото насилство вклучува предизвикување страв со заплашување; со заканување на физичка повреда на себе си, партнерот или децата; наштетување на домашни миленици и уништување на имот; "игри со умот"; или принудување на изолација од пријатели, семејство, училиште и / или работа.

  • Емоционално насилство

Емоционалното насилство вклучува поткопување на чувството за сопствена вредност на една личност преку постојани критики; омаловажување на нивните способности; навредување или друга вербална злоупотреба; оштетување на односот на партнерот со децата; или не дозволувајќи му на партнерот да ги гледа пријателите и семејството.

  • Физичко насилство

Физичкото насилство вклучува повреда или обид да му наштети на партнерот со удирање, клоцање, палење, грабање, штипење, туркање, шлаканици, влечење коса, гризење, негирање да добијат медицинска нега или принудна употреба на алкохол и / или дрога или употреба на друга физичка сила. Може да вклучува и материјална штета.

  • Сексуално насилство

Сексуално насилство вклучува принудување на партнер да учествува во сексуален чин кога партнерот не дава согласност.


2. Фемицид

Фемицидот се однесува на намерно убиство на жени затоа што тие се жени, но може да се дефинира пошироко за да вклучува какво било убиство на жени или девојчиња. Фемицидот се разликува од убиството на мажите на специфични начини. На пример, повеќето случаи на фемицид се сторени од партнери или поранешни партнери и вклучуваат постојана злоупотреба во домот, закани или заплашувања, сексуално насилство или ситуации кога жените имаат помала моќ или помалку ресурси од нивниот партнер.

2.1. Убиство во име на „чест“

Убиство во име на „чест“ е убиство на член на семејство, обично жена или девојче, од наводна причина дека личноста  го обесчестила или го посрамотила семејството. Овие убиства честопати имаат врска со сексуална чистота и наводни престапи од страна на женските членови на семејството.


3. Сексуално насилство

Сексуално насилство е секое сексуално дело сторено спротивно на волјата на друго лице, или кога ова лице не дава согласност или кога не може да се даде согласност затоа што лицето е дете, има ментална попреченост или е сериозно алкохолизирано или несвесно како резултат на алкохол или дрога.

Сексуалното насилство може да вклучува:

3.1. Сексуално вознемирување

Сексуалното вознемирување опфаќа неконсензуален физички контакт, како грабање, штипење, плескање или триење од друго лице на сексуален начин. Исто така, вклучува не-физички форми на вознемирување, како што се довикувања, сексуални коментари за телото или изгледот на лицето, барања за сексуални услуги, сексуално сугестивно зјапање, демнење и изложување на сопствените сексуалните органи.

3.2. Силување

Силување е секое неконсензуално вагинално, анално или орално пробивање на друго лице со кој било телесен дел или предмет. Ова може да биде од кое било лице познато или непознато за жртвата, во брак и во врски и за време на вооружен конфликт.

3.3. Корективно силување

Корективното силување е форма на силување извршено врз некого врз основа на нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Таа има за цел да ја принуди жртвата да се придржува кон хетеросексуалноста или нормативниот родов идентитет.

3.4. Култура на силување

Културата на силување е социјално опкружување кое овозможува сексуалното насилство да се нормализира и оправда. Тоа е вкоренето во патријархатот и се поттикнува од постојани родови нееднаквости и пристрасности во врска со полот и сексуалноста.


4. Трговија со луѓе

Трговија со луѓе е стекнување и експлоатација на луѓе, преку измама, принуда или со употреба на сила или закани. Овој грозоморен криминал фаќа во стапица милиони жени и девојки ширум светот, од кои многумина се сексуално експлоатирани.


5. Осакатување на женски гениталии

Осакатувањето на женски гениталии вклучува постапки кои намерно ги менуваат или предизвикуваат повреда на женските генитални органи од немедицински причини. Има четири главни типа, а практиката и мотивациите зад неа варираат од место до место. Оваа практика е општествена норма, која честопати се смета за неопходен чекор во подготвувањето на девојчињата за полнолетство и за брак и обично е водена од верувања за полот и неговата врска со соодветното сексуално изразување. Првпат беше класифициран како насилство во 1997 година преку заедничко соопштение издадено од СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА.


6. Детски брак

Детскиот брак се однесува на секој брак кога едниот или обајцата сопружници се на возраст под 18 години. Тоа претставува кршење на Универзалната декларација за човекови права, во која се вели дека „бракот ќе се склучи само со слободна и целосна согласност на идните брачни другари“. Поверојатно е девојчињата да бидат детски невести и, како резултат на тоа, да го напуштат училиштето и да доживеат други форми на насилство.


7. Интернет или дигитално насилство

Интернет или дигитално насилство врз жени се однесува на секое дело на насилство кое е сторено, потпомогнато или отежнато со употреба на информатичка и комуникациска технологија (мобилни телефони, интернет, социјални медиуми, компјутерски игри, текстуални пораки, е-пошта, итн.) врз жена поради тоа што таа е жена.

Насилството преку интернет може да вклучува:

7.1. Интернет-малтретирање

Интернет-малтретирање вклучува испраќање на застрашувачки или заканувачки пораки.

7.2. Неконсензуално секстирање

Неконсензуалното секстирање вклучува испраќање експлицитни пораки или фотографии без согласност на примателот.

7.3. Доксинг

Доксинг вклучува јавно објавување приватни податоци или податоци кои би можеле да ја идентификуваат жртвата.

Текстот е преведен од UN Women.

project-img