news-bg

Новости

Проект:
ЗА ПРАВДА – СЛЕДЕЊЕ НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО 2019 – 2020

Недемократско ограничување на правото на протест

Блупринт групата за правосудство остро реагира на предложените измени и дополнувања на Законот за јавните собири, кои денес беа повлечени од страна Владата на Република Северна Македонија. Измените и дополнувањата на законот беа најавени со цел нивно усогласување со новиот Закон за прекршоци во однос на предвидените глоби, меѓутоа финалниот текст на предлогот воедно предвидува скандалозни ограничувања на правото на протест.

Иако Уставот на Република Северна Македонија предвидува право на мирно собирање и изразување на јавен протест, без претходно пријавување и дозвола, предлог измените и дополнувањата предвидуваа арбитрарни ограничувања во поглед на местата каде што јавниот собир може да биде организиран, предвидувајќи забрани за организирање јавен собир во седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, како и резиденцијалните и репрезентативните објекти и околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт на Република Северна Македонија, во седиштата на странски дипломатско-конзуларни претставништва и нивни резиденции и во објекти и простори кои се од посебно значење и интерес за безбедноста на Република Северна Македонија. Ваквите ограничувања во отсуство на јасно предвидените услови во Уставот (воена и вонредна состојба) претставуваат цензура на правото на протест, излегувајќи надвор од ограничувањата предвидени во член 11 од Европската конвенција за човекови права и праксата на ЕСЧП. Сите ограничувања на правото на мирен собир и здружување мора да се во согласност со принципот на пропорционалност, поточно мора да постои рамнотежа помеѓу природата и опсегот на ограничувањето и целта која сака да се заштити со таа интервенција од страна на државата. Согласно насоките на Венецијанската комисија за слободата на мирни собири „принципот на пропорционалност бара од надлежните да не наметнуваат рутински ограничувања кои би можеле фундаментално да го изменат темелниот карактер на собирот, како што е на пример преместување на собирите во помалку централни области од градот. Забраната и ограничувањето на собирот секогаш треба да биде последна мерка и треба да се земе предвид само кога помалку ограничувачки одговор не е соодветен.“ 1

Компаративната пракса од земјите во регионот покажува дека не постои ограничување на просторот предвиден за јавен собир освен во Република Хрватска, но тоа ограничување се однесува само на 10 метри од објектите каде што се наоѓаат Саборот и Владата и на 20 метри од Уставниот суд.

Блупринт групата за правосудство ја истакнува и својата загриженост за начинот на кој што овие предлог измени на законот имаа тенденција да бидат донесени. Имено, праксата на објавување на нацрт и предлог закони на ЕНЕР, кои преку ноќ претрпуваат промени и кои подоцна значително се разликуваат во финалните текстови, претставува злоупотреба на навидум „отворениот„ процес за носење на законите. На овој начин, придонесот на граѓанските организации кои најчесто учествуваат во унапредување на законските текстови со свои коментари кон нацрт законите, се искористува со цел да се даде легитимитет кон финалните измени.

Иако Владата се предомисли и ги повлече предлог измените на Законот за јавните собири, Блупринт групата за правосудство предупредува дека надлежните институции не можат да си дозволат во едно демократско општество да посегнуваат и наметнуваат ограничувања на правото на протест без претходно да обезбедат пошироки консултации со граѓанското општество.

1 Параграф 29 од Насоки за слобода на мирни собири (3та едиција), Венецијанска комисија, ОБСЕ/ОДИХР – https://www.venice.coe.int/webforms/documents/?pdf=CDL-AD(2019)017-e