news-bg

Новости

Проект:

ПРОИЗНЕСУВАЊЕ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА (ИЧП) ПО ОДНОС НА МИСЛЕЊЕТО НА ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ

На 18-ти март 2019 година Венецијанската комисија официјално го објави Мислењето бр.947/2019, донесено на 118-та пленарна седница одржана на 15-16 март 2019 година, а кое се однесува на Предлог-Законот за Судскиот совет (во моментов е во собраниска процедура). Институтот за човекови права, како организација која го следи работењето на Судскиот совет уште од 2012 година, дава свое произнесување по однос на ставовите на Венецијанската комисија за предложениот нов закон и тоа како што следи:


A. Претседател на Судскиот совет

- По однос на мислењето Претседателот на Судскиот совет да биде избран од редот на членовите на Судскиот совет – „истакнати правници“ и тоа со 2/3 мнозинство во Собранието, главно поради тоа што мнозинство членови во Судскиот совет се од редот на судиите па да се направи еден вид баланс, истакнуваме дека во последниве неколку години сме имале несоодветни ситуации без разлика дали претседателот бил од редот на истакнатите правници или пак од редот на судиите, а бил избран од самите членови на Судскиот совет. Потсетуваме дека долго време во македонскиот правосуден систем во пракса беше злоупотребуван или пак девалвиран стандардот „истакнат правник“ и фактички тоа беше еден од елементите за mala fide постапување во однос на обезбедување независност на судството. Поради тоа, 2/3 мнозинство е неопходно за избор на Претседателот на Судскиот совет, но ИЧП смета дека подобро е тоа мнозинство да биде од самите членови на Судскиот совет (кои би го избрале претседателот од своите редови) отколку да биде изборот во Собранието. Ова особено произлегува од минатото искуство на постоење препознатливи политички влијанија при изборот на членови на Судскиот совет од редот на истакнати правници, а кои не ги бираат самите судии туку во процесот на избор се вклучени други државни институции (ова беше потенцирано и од страна на присутните судии и на дебатата на Правниот факултет во Штип организирана од ИЧП). Исто така во случај да се пропише избор на Претседателот на Судскиот совет од страна на Собранието, на тој начин ќе му се додели уште една дополнителна обврска на Собранието која може да биде и одолговлекувана и поради обемната агенда на Собранието, но и поради потребата од дополнителни разговори и преговори за политички компромис кои искуствено покажуваат дека тој процес се одолговлекува.


B. Избор на членови на Судскиот совет

 - Потполно се согласуваме со мислењето во точка 13 и 14 со кое е нотиран напредок така што се зајакнати критериумите за да може да се пријави кандидат да биде избран за член на Судскиот совет (за кандидатите од редот на истакнатите правници се воведува нов критериум: „да не е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за  да ја врши функцијата член на Советот“, а за кандидатите од редот на судиите исто така се воведува нов критериум: „да не му е изречена со правосилна одлука дисциплинска мерка намалување на плата во висина од 15% до 30% од месечната плата“), но сепак потребно е нивно допрецизирање со цел усогласување со последните измени на Законот за судовите.

- Го поддржуваме и мислењето на Венецијанската комисија во точка 15 и 16 со кое се истакнува дека психолошкиот тест и тестот за интегритет при изборот за судиите треба да се отстранат што е на линија на досегашните заложби на ИЧП. Дотолку повеќе ирелевантноста на овие тестови се огледува и во тоа што истите се дел и од постапката за избор на член на Судскиот совет од редот на судиите, па произлегува дека некој кандидат ако не ги положи овие тестови е несоодветен да биде избран за член на Судскиот совет, ама е соодветен да продолжи да ја врши судиската функција. На тој начин се доведува во прашање кредибилитетот на тој веќе избран судија (кој и понатаму ќе продолжи да ја врши судиската функција).


Избор и утврдување одговорност на судија/претседател на суд

- Очигледно е совпаѓањето на мислењето од Венецијанската комисија со долгогодишните заложби на ИЧП во кои нагласувавме дека при изборот на судија во основните судови, Судскиот совет de facto не врши избор на кандидатите кои успешно ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, туку само ги назначува согласно ранг-листата од Академијата. Во таква ситуација одредбите за критериумот положен психолошки тест и тест за интегритет, како и 2/3 мнозинство во Судскиот совет, се во колизија со законската одредба која предвидува задолжително почитување на ранг-листата од Академијата за судии и јавни обвинители и поради тоа потребно е допрецизирање на законот во овој дел.

- По однос на мислењето образложено во точка 18, истакнуваме дека ако го имаме предвид претходното искуство од седниците на Судскиот совет, повеќе од потребно е да има и на самата седница аргументирано образложение за извршениот избор. Но исто така треба да има образложение и во однос на кандидатите кои не се избрани за судија во повисок суд. Се согласуваме дека ќе биде уште поверодостојно доколку биде содржано аргументирано образложение и во писмено изготвените одлуки. Само на тој начин ќе им се овозможи на неизбраните кандидати да имаат причини за поднесување жалба и основа на која ќе може да ги темелат нивните жалбени наводи пред Врховниот суд (кое право за прв пат им е загарантирано од декември 2017 година).

- По однос на мислењето истакнато во точка 19 дека има можност двајца членови од немнозинските заедници да го блокираат процесот на избор на судија во повисок суд, како и претседател на суд, истакнуваме дека ИЧП ќе продолжи со следење на  работењето на Судскиот совет во однос на имплеметацијата на овие одредби во пракса и ќе оценува дали истите се имплементираат bona fidae или пак mala fidae.

- И мислењето искажано во точка 20 по однос на постапката по поднесени претставки и поплаки е во корелација со заложбите на ИЧП во изминатиов период дека треба да има механизам за нивен филтер (наш став е дека тоа треба да бидат претседателите на судовите), а пред Судскиот совет да се разгледуваат и да се одлучува само по претставките кои содржат основа за покренување постапка за утврдување одговороност на судија (која може да води до изкрекување полесна или потешка дисциплинска мерка или разрешување).

- Во однос на дилемите искажани во Мислењето од точка 22 до точка 32, истакнуваме дека се согласуваме дека законските одредби треба да се допрецизираат така што ќе биде јасно како ќе продолжи постапката за утврдување одговорност за судија или претседател на суд доколку нема доволно гласови (на пример за запирање на постапката), а се со цел да не дојде до блокирање на овој процес. ИЧП ќе продолжи континуирано да ја следи работата на Судскиот совет и во овој сегмент. Но, во однос на ситуацијата во која членовите на тричлената комисија за утврдување одговорност немаат право на глас при носење на одлуката од Судскиот совет, ИЧП е на став дека овие одредби не се проблематични. Може да се заклучи дека ставот на членовите на оваа комисија е оној кој е содржан во самиот предлог во кој тие се произнесуваат за тоа дали постапката за утврдување одговорност понатаму да продолжи и каква мерка се предлага (полесна или потешка дициплинска мерка или разрешување) или пак предлагаат да се запре постапката. Дополнително истакнуваме дека е потребно да биде пропишано апсолутно мнозинство гласови (најмалку од три гласа) при давањето на предлогот до Судскиот совет. Доколку се пропише консензус во оваа фаза од постапката, сметаме дека тоа би довело до блокирање и неефективност на целата постапка.

- Во однос на мислењето на Венецијанската комисија искажано во точките од 33 до 35 кои се однесуваат на постапката по жалба при утврдување одговорност на судија или претседател на суд, ставот на ИЧП е дека Судскиот совет треба да остане со надлежност за конечно одлучување, а Советот по жалби да може само еднаш да ја укине неговата одлука или пак да ја потврди. Ако Советот по жалби ја укине одлуката на Судскиот совет и даде напатствија за понатамошно постапување, Судскиот совет е должен да донесе нова одлука согласно дадените напатствија и таа одлука да биде конечна. Во тој случај ако судијата или претседателот на суд се незадоволни од таа одлука на Судскиот совет, ќе имаат право да поведат постапка пред ЕСЧП, а постапувањето на Судскиот совет ќе може да биде оценувано. Дополнителен аргумент за овој став на ИЧП е фактот што Судскиот совет е орган кој е воспоставен со Уставот на РСМ и со уставни одредби е пропишан неговиот мандат, состав и надлежности и уште повеќе ги има сите својства на трибунал (согласно Европската конвенција за човековите права и слободи - ЕКЧП и праксата на судот во Стразбург), а Советот на жалби (како ad hoc тело) е орган чие воспоставување не е предвидено во Уставот, туку само во законот и е орган кој не може да биде оценет доволно релевантно од аспект на транспарентност, отчетност и ефективност гледано од призма на стручната јавност и граѓанскиот сектор.


Привремено одалечување и разрешување на судија/претседател на суд

- Во однос на мислењето во точка 36 и 37 дека е потребно да постои времено одалечување на член на Судскиот совет само во случај на сериозни индиции, истакнуваме дека тоа може да е оправдано меѓутоа исто така треба да се има предвид и фактот што до сега воопшто законски не беше пропишана никаква одговорност на членовите на Судскиот совет иако постои уставна основа за тоа уште од 2005 година. ИЧП ќе продолжи со мониторингот на работењето на Судскиот совет и во овој аспект.

- Го поддржуваме мислењето содржано во точка 42 со кое се истакнува дека не е доволно против член на Судскиот совет да се иницира постапка за утврдување одговорност само во случај кога ќе одбие да даде изјава за имотната состојба согласно закон (анкетен лист), туку треба да се предвиди таква основа и во случај кога ќе даде изјава за имотната состојба со повеќе погрешни податоци.


Оценување на судиите и претседателите на судовите

- ИЧП се сложува со мислењето на Венецијанската комисија содржано во точките од 43 до 52 со кое се истакнува забележителен напредок во однос на воспоставувањето на новите квалитативни и квантитативни критериуми за оценување на судиите и претседателите на судовите, со соодност во корист на квалитативните, а во наредниот период да се остави време за да се провери и во пракса нивната најсоодветна примена.

- Во однос на мислењето од точките 53 и 54 кое се однесува на тоа дека е посоодветно во закон да се пропише кое тело во рамките на Судскиот совет ја утврдува ранг-листата на кандидати за судија во повисок суд наспроти сегашната состојба во која тоа е пропишано со Деловникот на Судскиот совет, истакнуваме дека без разлика што овие одредби се содржани во Деловникот, сепак во овој дел овој акт како општ пропис ги содржи елементите на јасност, прецезност и предвидливост кои ги оценува ЕСЧП. Поради тоа ставот на ИЧП е дека во овој дел не се потребни дополнителни интервенции во постоечката регулатива.


*Завршно согледување

- Заложбите на ИЧП се во согласност со другите аспекти на секое од овие ставови на Венецијанската комисија искажани во Мислењето.

- Венецијанската комисија и во ова Мислење (како и во претходните) не дава оцена по однос на заложбите за депрофесионализација на членовите на Судскиот совет од причина што законски текст со таква можност (па дури и да е дадена како една алтернативна можност) не бил доставен од македонските власти.

- ИЧП продолжува со континуирано следење на судските реформи и јавно доставување сугестии со цел подобро функционирање на правосудниот сиситем кој ќе има за цел ефективна заштита на човековите права.