news-bg

Новости

Проект:
ДИГИТАЛНИ ПРАВА ЗА СИТЕ: АКАДЕМИЈА ЗА ПРИВАТНОСТ И ОНЛАЈН БЕЗБЕДНОСТ ЗА ДЕЦА

РАБОТИЛНИЦИ „МОИ ПРАВА И ПРИВАТНОСТ НА ИНТЕРНЕТ“


Институтот за човекови права организираше серија интерактивни работилници за претставување на работната верзија од онлајн курсот за деца со наслов „Aкадемијата за приватност и онлајн безбедност за деца“. Активностите беа првенствено наменети за ученици од шесто до деветто одделение. 

Главната цел на овие настани беше преку директна консултација и пилот-тестирање со учениците да се провери соодветноста на содржината на онлајн курсот пред неговото официјално објавување. Преку практични примери, отворена дискусија и интерактивни вежби, учениците имаа можност да ги прегледаат модулите и да го споделат своето мислење.

Работилниците беа спроведени во периодот од 16 до 23 септември 2026 година во три основни училишта:

  • ООУ „Јашар Беј Шкупи“ - Чаир, 
  • ООУ „Крум Тошев“ - Трубарево, 
  • ООУ „Исмаил Ќемали“ - Чаир.

Со овие активности беа опфатени вкупно 91 ученика на возраст од 10 до 14 години.

Работилниците предизвикаа голем интерес кај учениците, кои беа многу активни и постојано поставуваа прашања. Учениците делумно ги познаваат правата што ги имаат на интернет, но специфичните термини како доксинг, дипфејк и колачиња им беа помалку познати, за разлика од поимите како лажни профили и трол профили со кои беа подобро запознаени. Исто така, кај учениците отсуствуваше целосна свесност за тоа колку големо количество информации собира интернетот за секој корисник, дека дигиталната трага останува трајно, како и за тоа како функционира вештачката интелигенција и како ги обработува податоците. Најголем интерес учениците покажаа за тоа кои приватни податоци ги собираат сите веб-страници и апликации што ги користат. 

Главниот заклучок од овие работилници беше дека иако децата се исклучително вешти во користењето на технологијата и поседуваат технолошка писменост, тие не се доволно свесни за ризиците кои постојат. Не знаат како се процесираат нивните податоци онлајн и за кои цели се користат. Исто така, тие немаат целосен увид во функционирањето на вештачката интелигенција, начините на кои таа пристапува до информациите и можното влијание врз нив, особено кога станува збор за закани од непознати лица кои би можеле да ја злоупотребат нивната ранливост.

Затоа, во Институтот за човекови права создадовме интерактивен онлајн курс за приватност и онлајн безбедност наменет за деца од 8 до 14 години. Преку практични примери, тие можат да научат како да препознаат закани, да блокираат насилство, да зачуваат докази и безбедно да пријават.

Курсот ќе биде наскоро достапен на https://app.ihracademy.org.mk/.


-----------------

Оваа активност се реализира во рамки на програмата Digital Spark, односно проектот Regional Support Mechanism EECA, поддржан од Фондацијата Метаморфозис и TechSoup, во соработка со CIVICUS преку иницијативата Digital Democracy Initiative (DDI).


project-img project-img project-img