news-bg

Новости

Проект:
ЗА ПРАВДА – СЛЕДЕЊЕ НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА РЕФОРМИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО И ПРИДОНЕС КОН ИЗРАБОТКА НА НОВАТА СТРАТЕГИЈА ЗА РЕФОРМИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО 2022

БЛУПРИНТ ГРУПАТА ПРОДОЛЖУВА ДА ГО СЛЕДИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА РЕФОРМИТЕ ВО ПРАВОСУДСТВОТО ПРЕКУ ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ „ЗА ПРАВДА – ГРАЃАНСКИ ПРИДОНЕС ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРАВОСУДСТВОТО“

Блупринт групата за реформи во правосудството е неформална мрежа на граѓански организации кои во изминатите години работат и делуваат во областа на правосудството. Блупринт групата преку досегашното следење на Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) истакна релевантна и професионална експертиза во проценка на квалитетот на предложените мерки и политики во областа на правосудството и се позиционираше како клучен чинител од граѓанскиот сектор кој учествува во реформите во овој сектор.

И оваа година, Блупринт групата продолжува да го следи спроведувањето на реформите во правосудството преку имплементација на проектот „За правда – граѓански придонес за унапредување на правосудството“, координиран од Институтот за европска политика – ЕПИ Скопје а финансиски поддржан од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

Генерална цел на проектот е зголемување на влијанието на граѓанските организации во процесот на реформи во правосудството како предуслов за заштита на човековите права и обезбедување социјална правда.

Преку континуираното следење на спроведувањето на Стратегијата за реформа на првосудниот сектор (2017-2022), фокусирајќи се на нејзиното влијание врз заштитата на човековите права и обезбедувањето социјална правда, Блупринт групата се стреми да обезбеди објективна и сеопфатна оценка на процесот на реформи во правосудството и неговото влијание врз човековите права и социјалната правда. Имено, од Годишниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на нашата држава во 2021, произлегува дека постои одреден напредок на реформските процеси во правосудството. Напредокот се должи на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година, со што понатаму се адресираат препораките дадени од Венецијанската комисија и групата на виши експерти за системските прашања за владеење на правото. Меѓутоа, нагласена е потребата од конзистентна и засилена имплементација на реформите предвидени во Стратегијата, а посебно е потенцирано дека е потребна засилена имплементација на ревидираниот акциски план. Во овие околности, Блупринт групата континуирано дава свој придонес преку препораки за адресирање на овие предизвици, а со овој проект, Блупринт ќе даде и свој придонес во подготовката на идната Стратегијата за правосудниот сектор.

Истовремено, Блупринт групата цели кон зајакната соработка помеѓу граѓанските организации и тематски мрежи, која овозможува идентификување и артикулирање на нивните потреби и барања во процесот на реформи во правосудството. Во своите анализи на законите кои ги следи, Блупринт групата забележа дека вклученоста на засегнатите страни, вклучително и на граѓанските организации во подготовка на закони е во одредена мера задоволено. Иако, во годишниот извештај ЕК забележува дека граѓанските организации продолжија да бидат активни и имаат важна улога во реформските процеси, значајно е да се нагласи дека потребни се дополнителни напори за да се обезбеди понавремен, позначаен, транспарентен и структуриран консултативен процес со граѓанското општество. За таа цел, со овој проект, Блупринт групата активно ќе работи на унапредување на партиципативното креирање политики во областа на правосудството со користење на меѓу-секторски пристап и соработка со тематски мрежи и други граѓански организации.

Последен клучен кластер активности кои ќе се спроведат за времетраењето на овој проект, е зајакнување на активностите за застапување засновано на докази во областа на правосудството од страна на граѓанските организации. Во рамките на овој кластер, предвидено е одржување на настани, подготовка на документи за јавни политики, објавување на ставови и коментари за актуелни случувања, како и ажурирање на веб страната на Блупринт групата, со цел приближување на работата на партнерските организации во Блупринт групата до пошироката јавност. Истовремено, со овие активности се потенцира значењето на учеството на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики и нивно спроведување, како и значајната работа која ја вршат граѓанските организации за пренесување на гласот на народот до надлежната власт.

Блупринт групата останува посветена на овие процеси и со своето искуство и со својата експертиза ќе продолжи да придонесува за целосно, квалитетно, транспарентно и инклузивно спроведување на реформите во правосудниот систем, со цел воспоставување на принципот на владеење на правото, враќање на довербата на граѓаните во судството и успешни евроинтеграции.


Блупринт група за реформи во правосудството

Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
Институт за европска политика (ЕПИ)
Институт за човекови права (ИЧП)
Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
Хелсиншки комитет за човекови права
Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ)