news-bg

Новости

Проект:
ЗАЕДНИЧКА ЗАЛОЖБА ЗА ПОДОБРИ ДОСТИГНУВАЊА ВО СУДСТВОТО

Конференција „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството“

На 2-ри април 2019 година, Институтот за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Здружението на судии и Здружението на судска администрација ја организираа конференцијата “Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството”.

Конференцијата е еден од низата настани кои ќе бидат реализирани во рамките на истоимениот проект „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството” финансиран од ЕУ преку Секторот за централно финансирање и склучување договори, при Министерството за финансии. 

На конференцијата се презентира активностите и целите на проектот, како и се елаборираше и дебатираше потребата од заедничката заложба и активна соработкана здруженијата на граѓани кои работат во областа на правосудството и професионалните здруженија за подобри судски реформи.

Со поздравен говор конференцијата ја отворија Претседателката на ИЧП, Маргарита Цаца Николовска,  Министерката за правда – Рената Дескоска и претседателката на ЦПИА, Лидија Стојкова Зафировска.


На првиот панел, претседателките на партнерските здруженијата имаа свои излагања за содржината и целта на проектот. Судивката Цаца Николовска ги презентираше целите и активностите на проектот на присутните додека Стојкова Зафировска ги потенцираше резултатите и промените кои се очекува овој проект да ги постигне. 

Во вториот панел свое излагање во однос на потребата од соработка меѓу здруженијата и нивното влијание врз реформите во судството имаа претседателите на професионалните здруженија Здружението на судии, судија Џемали Саити и Здружението на судската администрација, Борче Мирчески, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер – Дамјановска. Модератор на настанот беше Снежана Лупевска Созен. 

На конференцијата беше потенцирано дека граѓанското општество игра клучна улога во секое демократско општество во застапувањето на правата на граѓаните претставувајќи ги нивните интереси во процесите на креирање политики и одлуки. Утврдено беше дека постојат бројни здруженија на граѓани кои се активни во следењето на развојот, напредокот и предизвиците на институциите за владеење на правото во земјата од кои голем дел се фокусирани на следење на правните институции, како и во следењето на ефикасноста и ефективноста на институциите во судството.

На настанот беше истакнато дека Институтот за човекови права и партнерската организација Центар за правни истражувања и анализи ја препознаа потребата од заедничка заложба на здруженијата на граѓани и професионалните здруженија во насока на поквалитетни реформи во судството и придонес во реализација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) и Акцискиот план.

Судивката Цаца Николовска во своите излагања нагласи дека во таа насока исклучително важна улога имаат професионалните здруженија чии што членови се столбови на судството. Здруженето на судии, здружението на судската администрација како и професионалните комори имаат многу што да понудат со цел поквалитетни реформи во судство. Спојувањето на капацитетите на овие здруженија за поефикасни и поквалитетни реформи во судството е чекор напред кон правна држава и чекор напред кон ЕУ. Таа понатаму ја изрази својата убеденост дека придонесот на сите здруженија и соработката со институциите во рамките на проектот ќе доведе до подобрување на спроведувањето на правдата и до поефикасни реформи во правниот сектор во согласност со ЕУ и меѓународните стандарди.

На конференцијата присуствуваа повеќе од 70 судии, судски службеници, адвокати, јавни обвинители, претставници на Делегацијата на Европската Унија, преставници на Министерството за правда, членови на Судскиот Совет на РСМ, членови на Државната комисија за спречување на корупција, преставници на дипломатски кор, преставници на здруженија на граѓани и студенти по право. 

 

 Проектот “Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството” е дел од ИПА II 2014 грантовата шема ,,Зајакнување на влијанието на граѓанското општество за ефективни реформи во правниот сектор‘‘.

Фото:MIA

project-img project-img project-img