Овој курс има за цел да ги запознае читателите со основните концепти, права и механизми за заштита на работничките права, обезбедувајќи им практични знаења за нивната примена. Преку три поглавја, курсот нуди сеопфатен преглед на работниот однос, индивидуалните и колективните работнички права.
Првото поглавје е посветено на работниот однос и неговите карактеристики. Читателите ќе се запознаат со разликите меѓу работниот однос и другите облици на ангажман, што е од суштинско значење за разбирање на опсегот на заштита што го нуди работното законодавство. Посебно внимание се посветува на неформалната вработеност, како што се непријавеното вработување и прикриениот работен однос. Поглавјето продолжува со претставување на различни нестандардните форми на работа – работниот однос на определено време, работниот однос со неполно работно време и привременото агенциско вработување. Дополнително, се обработуваат фазите на договорот за вработување, од неговото склучување до престанокот на важноста.
Второто поглавје се фокусира на селектирани индивидуални права од работен однос, вклучувајќи ги работното време, одморите, отсуствата од работа и платата. Ќе бидат обработени ограничувањата на работното време, правото на одмор и механизмите за спречување прекумерна работна ангажираност. Посебно внимание се посветува на годишниот одмор, како и на правото на платени и неплатени отсуства. Последниот дел од оваа целина е посветен на правото на плата, при што ќе се дискутираат прашања како минималната плата, методологијата на утврдување плати и составот на платите.
Третото поглавје го обработува значењето на колективните работнички права како дел од концептот за „пристојна работа” на Меѓународната организација на трудот (МОТ). Ќе бидат објаснети основните колективни права, како што се синдикалното здружување, колективното договарање и правото на штрајк. Курсот ќе ги анализира правните основи за формирање и членство во синдикати, принципите на колективното договарање и неговото влијание врз работните услови, како и условите за организирање и спроведување на штрајк.
Овој курс има за цел да им овозможи на читателите да ги препознаваат и заштитат своите работнички права, поттикнувајќи ги на активно учество во процесите што влијаат врз нивниот работен статус и услови за работа.
Курсот можете да го најдете на www.ihracademy.org.mk
Овој курс е изработен во рамки на програмата „Пристап до правда за сите – Годишна работна програма 2024”, финансирана од Европската Унија во рамки на ИПА III програмата за граѓанско општество и медиуми, за 2022 година.