news-bg

Новости

Проект:
УСТАВНИОТ СУД - ЗАШТИТНИК НА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО

Втора тркалезна маса за транспарентноста на Уставниот суд на РСМ

На ден 15 јуни 2021 година се одржа тркалезна маса на тема „Транспарентноста и соработката на Уставниот суд на Република Северна Македонија“ со фокус на новинарите и граѓанските организации. На оваа тркалезна маса се обратија Претседателката на Институтот за човекови права Маргарита Цаца Николовска, Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, поранешна уставна судија и професорка по трудово право Гзиме Старова и авторот на Bодичот за составување на барање за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд Игор Спировски  и адвокатот Жарко Хаџи Зафиров.

Настанот беше модериран од  Гордана Дувњак – Новинарка и Александра Цветановска – Претседателка на МЗМП.

Целта на настанот е да се организира дискусија со цел да се елаборираат актуелните состојби и предизвици поврзани со транспарентноста на Уставниот суд и соработката со граѓанскиот сектор во Република Северна Македонија.

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска посочи дека Судот максимално ќе го отвори за јавноста. Таа појасни дека е отворена за соработка и дека ќе најде начин Судот да биде подостапен и транспарентен, бидејќи потребно е јавноста да знае за неговата работа.

Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права истакна дека денешната тркалезна маса е а наменета за новинарите и граѓанските организации, а со цел да се разгледа транспарентноста како проблем, кој се јавува при работата на Уставниот суд.

Поранешната уставна судија Гзиме Старова зборуваше за транспарентноста на Уставниот суд, дека таа треба да биде насочена внатре кон сите вработени во судот но и надвор кон јавноста, со цел да се влијае на свеста на граѓаните.

Новинарите во делот за дискусија истакнаа дека повторното отворање на Уставниот суд всушност е враќање кон тоа што оваа земја го имаше до 2014.

Поранешниот Уставен судија Игор Спировски зборуваше за Барањето за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, потребата од проширување на корпусот на права и слободи кои треба да бидат заштитени, како и тоа дека Барањето всушност може слободно да биде гледано како Уставна жалба.

Адвокатот Жарко Хаџи Зафиров истакна дека адвокатска фела не го гледа Барањето како ефективен правен лек, сметајќи дека опсегот на Членот 110 од Уставот е тесен.

project-img project-img project-img