news-bg

Блог

70 ГОДИНИ ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ЕВРОПСКАТА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА: ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА, ПРЕДНОСТИ И ПРЕДИЗВИЦИ

авторка: д-р Весна Стефановска


Соочени со тешките злосторства од Втората светска војна, земјите-членки на новоформираниот Совет на Европа почнаа да ја разгледуваат можноста за создавање на т.н. „Повелба за човекови права“ која ќе ги систематизира фундаменталните човекови слободи и права. За разлика од Универзалната декларација за човекови права која има декларативен карактер, овој документ ќе предвидува задолжителна обврска за почитување на човековите слободи и права. Со овие појдовни цели, поставени се постулатите на она што ние денес го знаеме како Европска конвенција за човекови права.

На 04 ноември 1950 година во Рим од страна на дванаесетте министри за надворешни работи на тогашните земјите-членки на Советот на Европа е потпишан текстот на Конвенцијата. Воедно, со конвенцијата покрај заштита на основните човекови слободи и права се воспоставува и надлежност на Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур кој ќе постапува по поднесени жалби за евентуално сторени повреди на конвенциските права.

Конвенцијата во членот 1 всушност ја воспоставува својата надлежност преку наметнување на обврската за почитување на правата на човекот каде се предвидува дека: „Високите страни договорнички им ги признаваат на сите лица под нивна надлежност правата и обврските утврдени со оваа Конвенција“. Со ова всушност се воспоставува императивот за нормирање на човековите права и механизмот за заштита на тие права.

Несомнено, Конвенцијата претставува уникатен документ кој на европско тло ги обединува неприкосновените човекови права како што се правото на живот (член 2), забраната за тортура (член 3), забрана на ропство и принудна работа (член 4), но и оние човекови права кои подлежат на ограничување од страна на националните системи како што се правото на слобода и безбедност (член 5), правото на правична судска постапка (член 6), правото на почитување на приватен и семеен живот (член 8), слобода на мислење, совет и вера (член 9), слобода на собирање и здружување (член 11), право на брак (член 12) како и забрана на дискриминација (член 14).

Доколку се направи ретроспектива на овие 70 години од имплементација на Европската конвенција на човекови права може да се утврди дека се воспоставени стандарди на почитување на човекови права и покрај конзистентноста на флагрантни прекршувања на одредени конвенциски права. Сите прекршувања на Конвенциските права го покажуваат досието на секоја држава, но особено загрижувачки се прекршувањата кои се однесуваат на правото на живот и забраната за тортура кон кои Европскиот суд за човекови права е особено сензитивен кога проценува дали е сторена повреда токму на овие права.

Неспорно е дека Конвенцијата еволуира, се прилагодува, ги следи и ги признава општествените промени во земјите-потписнички по одредени прашања кои во зависност од динамичните текови и различните ставови низ децениите се менуваат. Токму од оваа причина и постои динамичното т.е еволутивното толкување на Европскиот суд за човекови права според кое конвенцијата е „жив инструмент кој треба да се толкува во сегашни услови“. Конвенцијата преку своите права ја гарантира правната сигурност, легитимитетот кој произлегува од донесените пресуди на Судот.

Поразителен факт се многуте жалби кои секоја година се поднесуваат против државите-потписнички на Конвенцијата. Тоа воедно укажува и на фактот дека конвенциските права доволно не се почитуваат, дека државите не ги анализираат повредите на фундаменталните права особено кога станува збор за неприкосновени човекови права како правото на живот и забраната за тортура.

Системот за заштита на човековите права предвиден во Конвенцијата е сеопфатен, од причина што не предвидува само пасивно почитување на загарантираните права, туку претпочита и позитивна активна обврска за државите да ги почитуваат овие права. Во спротивно, Конвенцијата му дава право на Европскиот суд за човекови права да утврди одговорност за државата која потфрлила во почитувањето на човековите права и не успеала да ги заштити тие права.

Во овие изминати 70 години, Конвенцијата ни ја посочи важноста за почитувањето на човековите права како и привилегијата на постоење на документ кој ги признава и штити фундаменталните права низ Европа. Прашањата кои што сите треба да си ги поставиме се следниве: Дали сме свесни за сопствените права, но и реципрочно – дали прифаќаме дека како и ние, така и другите луѓе ги уживаат овие природни права? Дали државите во задоволителна мера ги штитат човековите права на сопствените граѓани? Дали државите учат од сопствените грешки настанати како резултат на прекршување на човековите права на сопствените граѓани.

За жал, одговорите на овие прашања се различни, но неспорно е дека Европската конвенција за човекови права постои за да не потсетува на важноста на фундаменталните слободи и права, на потребата за нивна заштита, на прифаќањето на концепцијата дека човековите права еволуираат и се менуваат заедно со општествените текови, и секако на фактот дека во целиот општествен хаос потребата за почитување на човековите права треба да биде единствената константа.

објавено на: 06.11.2020 година

project-img