news-bg

Блог

Меѓународен ден на човековите права 2021

Авторка: д-р Весна Стефановска


„...Каде, на крајот на краиштата, започнуваат универзалните човекови права? На мали места блиску до дома – толку блиску и толку мали што не можат да се видат на ниту една карта на светот. Сепак, тие се светот на индивидуата, соседството во кое живее, училиштето и факултетот што ги посетува, фармата, фабриката или канцеларијата во која работи. Такви се местата каде што секој маж, жена и дете бара еднаква правда, еднакви можности, еднакво достоинство без дискриминација. Доколку овие права немаат значење секаде, немаат никакво значење било каде... – Еленор Рузвелт

Овие зборови на Еленор Рузвелт одекнуваат и 73 години по усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права и ја истакнуваат суштината на човековите права – ако тие не се почитуваат во малите места каде живее и работи секоја индивидуа, тогаш не можеме да очекуваме тие да се почитуваат на глобално ниво.

Идејата за подготовка на суштински документ кој ќе ги синтетизира основните човекови слободи и права произлезе од злосторствата предизвикани за време на Втората светска војна. Формирањето на Организацијата на Обединетите нации и одлучноста да не се повторат ѕверствата од војната доведе до замислата за креирање на декларација која ќе ги вклучи правата и слободите за кои државите ќе се согласат дека се фундаментални и чија заштита и почитување се неопходни.

Универзалната декларација за човекови права беше подготвена од претставници со различни правни и културолошки карактеристики од различни региони во светот. Декларацијата ја доживеа својата прокламација на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации одржано во Париз на 10 декември 1948 година. Од таа причина 10 декември секоја година се празнува како денот на човековите права. Во декларацијата се вклучени 30 права и слободи чија заштита и ексклузивитет ја гарантираат сите држави-потписнички како што се: правото на живот, забраната за тортура, слобода на изразување, право на образование, приватност, социјална заштита, право на здравје и слично.

И покрај тоа што не е правно обврзувачка – таа е универзална и претставува основа за донесување на други меѓународни правно-обврзувачки инструменти. Нејзината важност се гледа и во фактот дека за прв пат државите постигнале консензус и се согласиле слободите и правата да заслужуваат универзална заштита со цел секоја индивидуа да може да ги ужива во секојдневниот живот.

Културните и социјалните разлики, долгорочните економски и политички недостатоци длабоко вкоренети во општествениот живот, честопати ја доведуваат во прашање универзалноста на човековите права, нивното почитување и унапредување. Многубројните меѓународни инструменти почнувајќи со Универзалната декларација за човекови права не се гаранција дека слободите и правата нема да се прекршуваат и ограничуваат. За жал, многубројните извештаи на меѓународните организации, комисии и меѓународните судови покажуваат и докажуваат на дело дека константно чевековите слободи и права се злоупотребуваат и ограничуваат особено кога станува збор за неприкосновените човекови права. Тоа е показател дека државите треба континуирано и посветено да работат на унапредување на човековите слободи и права, едукација на јавноста и превенирање на можни прекршувања на фундаменталните права и слободи.

Овогодинешната тема за одбележување на Денот на човековите права се однесува на еднаквоста – намалување на нееднаквоста и унапредување на човековите права. Воедно, оваа тема произлегува и од член 1 од Универзалната декларација за човекови права кој предвидува дека: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинство и права. Еднаквоста и забраната за дискриминација ја претставуваат сржта на човековите права промовирајќи дека сите се еднакви во уживање на своите права и дека е забранета дискриминација во кој било основ. Оваа констатација упатува на фактот дека еднаквоста и недискриминацијата треба да се промовираат во еден инклузивен процес преку примена на пристапот заснован на човекови права кој ќе овозможи нивна примена во процесот на планирање и реализирање на програмските политики на институциите во јавниот сектор и сите засегнати чинители во приватниот сектор.

Денот на човековите права претставува симболика која не потсетува на значењето и важноста за почитување и унапредување на основните човекови слободи и права, но и укажува на потребата овие слободи и права да се почитуваат секој ден од годината со цел да се спречи нивно прекршување и санкционирање.

Објавено на: 10.12.2021 година