news-bg

Блог

ПРАВА НА ЖРТВИТЕ НА МАСОВНИ ЗЛОСТОРСТВА

Автор: Оливер Алексов


Жртвите на масовни злоупотреби на човековите права и сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право, како и нивните семејства, имаат право на ефективен правен лек. Во теоријата, но и во практиката имало долги дебати за тоа кои се вистинските права кои што треба да им припаднат на жртвите на ваквите злосторства. Сепак, денес во меѓународното право се признати четири клучни права на жртвите на масовни злоупотреби на човековите права и сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право, коишто низ текстот ќе бидат одделно разгледани:

  • Правото на правда, што кореспондира со должноста на државата да гони;
  • Правото на вистина, што кореспондира со должноста на државата да ги побара и информира жртвите и општеството за направените повреди;
  • Правото на репарација, што кореспондира со обврската на државата да ја надомести штетата, односно да даде гаранција дека ќе ја надомести и
  • Правото на гаранција, дека нема да има поврат на злосторствата, што кореспондира со обврска на државата да ги превземе сите мерки неопходни за да ја направи веродостојна ваквата гаранција.

Обврска за гонење

Иако спорна и често полемизирана, оваа обврска на државата наоѓа своја подлога во меѓународното договорно право. Па така, должноста да се гони е содржана во четирите Женевски конвенции од 1949 година, Конвенцијата за Геноцид од 1948 година, Конвенцијата за Тортура од 1984 година, како и бројни меѓународни и регионални конвенции за човековите права. Ваквата обврска е широко признаена и во националните законодавства на државите. Сепак, во отсуство на специфични одредби за злосторства против човештвото истите ја наоѓаат својата важност во обичајното право. Денеска за ваквите дела постојат мислења дека претставуваат jus cogens заедно со геноцидот, воените злосторства, агресијата, тортурата, пиратството и ропството. Значи, за сите овие дела, постои меѓународна обичајна обврската да се гонат делата сторени против човештвото. Одлуките на меѓународните кривични трибунали исто така ја имаат признато обврската за гонење и казнување на масовните прекршувања на човековите права. Меѓународниот Кривичен Трибунал за бивша Југославија во случајот Prosecutor v. Furundija пресудил дека: „должност на Меѓународниот трибунал ... е да казни такви дела и да спречи неказнивост”. Обврската за гонење исто така е призната и од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), а тоа се согледува од случаите Selmouni v. Francе и во Al-Adsani v. United Kingdom каде што ЕСЧП утврдил дека член 13 од Европската конвенција за човекови права (ЕЧКП) за ефективен правен лек бара од државите, односно наметнува позитивна обврска да се впуштат во ефективна истрага која ќе доведе до идентификација и казнување на одговорните лица.

Право на вистина

Да се дознае вистината за околностите под кои се случиле ужасните повреди на човековите права е признато како ефективно и фундаментално правило на меѓународното право. Ова право е исто така признато како право на семејствата да знаат што се случило со нивните сакани, но и како право на општеството да ја знае вистината за историскиот контекст, мотивите и околностите под кои ваквите повреди се направени.

Обичајното меѓународно право изразено низ практиката и opinio juris на државите и на другите субјекти на меѓународното право изобилува со силни извори за правото на вистина. Националните законодавства и судски одлуки во голем број држави исто така го признаваат ова право на жртвите да ја дознаат вистината. За остварување на ова право постојат различни механизми, меѓутоа најкарактеристични се комисиите за вистина, а за тоа говори фактот дека повеќе од четириесет земји каде што се случиле вакви масовни повреди, веќе ги имаат воспоставено истите. Ова право е важно бидејќи на жртвите и на нивните семејства  им е неопходно вистината да излезе на виделина и сите да можат да ја почувствуваат нивната болка и нивните страдања. Важно им е на семејствата бидејќи сакаат да знаат каде се нивните сакани, што станало со нив, зошто тоа им се случило. На крај сакаат да дознаат кој го сторил тоа и се разбира, сторителот да се пронајде и да се казни. Во овој момент понекогаш се случува конфронтација помеѓу вистината и правдата. Ова е добро заклучено во правилата кои што ги креираат комисиите за вистина и помирување кои велат дека комисиите за вистина и помирување ја бараат вистината која води кон помирување, додека судовите ја бараат вистината која води кон соодветна и ефективна кривична пресуда. Меѓутоа, кажувањето на вистината подразбира и повторување на таа вистина, тоа можеби води кон помирување, но не и кон заборавање. Впрочем, заборавањето никогаш не било дискутирано како спорно прашање, напротив, сеќавањето на ваквите ужасни дела е неопходно бидејќи тоа е грешка која што не смее да се заборави - за да не се повтори..

Обврска за репарација

Низа меѓународни документи што се дел од договорното право го признаваат правото на репарација. Такви се Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (член 2), Меѓународната конвенција за елиминација за сите форми на расна дискриминација (член 6), Конвенцијата против тортура и друго сурово, нехумано или деградирачки третман или казнување (член 14), Конвенцијата за правата на детето (член 39), Хашките и Женевските конвенции и нејзините протоколи, Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи (член 13) итн. Покрај договорното меѓународно право, обичајното исто така широко го признава ова право како преку практиката на ООН така и преку практиката на државите. Ваквото право најчесто се изразува преку гарантирање на ефективен правен лек пред надлежните национални судови за дела што ги повредуваат основните човекови права гарантирани во дадените меѓународни инструменти. Практика на државите е пак да го признаваат ова право како и предвидување на програми за репарација на оштетените. За репарацијата да биде исполнета, таа треба да вклучува реституција, компензација, рехабилитација и сатисфакција. Репарацијата може да биде индивидуална или колективна, а доаѓа преку судски или административен пристап. Основна цел на репарацијата е да се поврати достоинството на жртвите и да се реинтегрираат во општеството како еднакви граѓани.

Обврската да се спречи

 Ваквата обврска на државите да спречат прекршување на човековите права и гаранција дека повторно нема да се случат такви прекршување се и основа за Повелбата на Обединетите Нации. Со Резолуцијата 1366 на Советот за Безбедност оваа обврска се потврдува уште еднаш. Во неа меѓу другото се вели дека Државите членки се должни да го спречат геноцидот и неговата неказнивост, злосторства против човештвото и воени злосторства. Советот за безбедност исто така истакнал дека спречување на поврат на геноцид и други масовни повреди на човековите права е заедничка споделена обврска помеѓу националните влади, ООН и меѓународната заедница. Членот 2 од Конвенцијата против тортура ја задолжува секоја држава да превеземе ефективни легислативни, административни, судски или други мерки за да спречи акти на тортура на било која територија под нивна јуриздикција. Понатаму, член 16 ја продолжува оваа превенција и на „други акти на суров, нехуман, деградирачки третман или казнување кое што не се однесува на тортура“. Значи не станува збор за негативна обврска на државата што се состои од пасивно немешање, туку, станува збор за позитивна обврска која што бара државата активно да се вклучи во процесот и таа да ја гарантира сигурноста на ветеното - дека поврат нема да се случи. Женевските конвенции и дополнителните два Протоколи исто така ја наметнуваат оваа обврска, како и во Римскиот Статут на МКС којшто во член 28 ги предвидува како кривично одговорни воените команданти и други надредени за нивниот неуспех да ги превземат сите неопходни и разумни мерки што се во нивна моќ за да го спречат или потиснат сторителот на делата за кои Меѓународниот кривичен суд има јурисдикција.

Ноторно е дека неуспехот да се спречат големи прекршување на човековите права има драстични и ужасни последици. Историјата не’ учи дека искуството од национални и меѓународни потфрлања да спречат вакви ѕверства во Руанда и бивша Југославија ја оправдале потребата да се постават механизми за да се спречи вакво случување или пак повторување на вакви дела.

ОБЈАВЕНО НА 02.10.2020 ГОДИНА

project-img