news-bg

Блог

Слобода на изразување кај новинарите: Сон или јаве ?

авторка: Зорана Антовска


Тешко е прецизно да се знае и да се дефинира што е фер, а што не е. Ова прашање е зависно од вредностите на едно општество и индивидуалните верувања на секоја личност. Вообичаено, правдата е тоа што е фер, таа е доблест и склоност да му се даде на секој она што му припаѓа или што го засега засновано врз етиката, рационалноста, законот, религијата, еднаквоста и правичноста.  Несомнено за секој човек како “zoon politikon” кој е во постојано општење со другите, е важно учеството во општествените политики кои всушност во основа претставуваат комуникација со другите луѓе и така истиот го остварува своето право на изразување. Би рекле дека можноста да се додели и користи ова право на слободно изразување е сосема фер. Правото на изразување подразбира право на изразување на сопственото мислење, право на барање, примање и ширење на информации, право на избор на средства преку кое тоа ќе се врши и право на јавност. Сите овие поими се во корелација со медиумите и новинарите како нивни главни конзумери. Токму затоа ваквото право треба да е функционално не само за индивидуата која сака да ги изрази своите мисли, туку треба да подразбира и чесно остварување на истите права од страна на медиумите. За граѓаните да можат да учествуваат во општествениот живот и политиката, мора да се информираат преку медиумите односно да примаат и да даваат точни информации. Цензурата на овие слободи ја прави разликата од диктатура до демократија.

Денес, имаме можност да се информираме повеќе од кога било, бидејќи живееме во една медиумска култура која ни овозможува лесен пристап до посакуваните информации, но нашето прашање е какви се тие информации. Предмет на ‘опсервацијa’ се неколку клучни прашања за медиумската култура и  правата на новинарите кај нас: „Дали медиумите се чувари и креатори на јавниот интерес ? ; Дали имаме слободен пристап до информации и слобода на печат ?”; како и тоа “ Дали постои цензура на информации и доколку има кој е виновникот за тоа ?”

Историски гледано битката за слобода на медиумите се војува уште од 19ти век односно од борбата против влијанието на државата и црквата врз медиумите. Бидејќи се стремиме кон тоа да станеме демократско општество треба на пиедестал да ја ставиме слободата на говор која подразбира секој поединец да го каже тоа што го мисли, без цензура и ограничување и без страв од можни последици. Дали бркањето на десетмината новинари од медиумската куќа Канал 5, во 2010 година, ја отвори пандорината кутија и ги разгоре страстите на оваа тема? Причината која беше посочена од медиумската куќа за отпуштањето на дел од вработените беше превработеноста на телевизијата. Со оглед на економската криза, телевизијата не била во можност да ги задржи сите вработени. Но, критериумите по кои се вршела селекцијата и денес не се знае, тоа сепак е политика на медиумската куќа, а на нас останува да ја разгледаме, како најочигледна, опцијата за цензурирање на новинарскиот кадар која директно значи прекршување на правото за слободно изразување и новинарската “непослушност” кон желбите на надредените. Гледано од овој аспект, дали ние како граѓани не помислуваме на опцијата дека нашата медиумската култура бара од една страна новинарите да користат и искажуваат критички ставови но, истовремено медиумите принудуваат цензурирање и филтрирање на дел, а можеби и на сите информации кои стигнуваат до нив ? Од реченицата на проф. Др. Јасна Бачовска Недиќ:  “Што бара еден млад човек во новинарството, веројатно само многу проблеми, а многу малку пари” може да заклучиме дека медиумите во Република Северна Македонија се слободни како птица в кафез. Република Северна Македонија има исклучително голем проблем со слободата на говор, кој што очигледно ги демотивира младите да се насочат кон оваа струка. За тоа најдобро говори фактот дека во 2019 година на студиите по новинарство се запишуваат само 12 студенти и се досега најмала регистрирана бројка на оваа насока. Како најдобар пример за цензура и кршење на слободата на изразување ќе го земеме сатиричниот весник Шарли Ебдо. На 7 јануари 2015 година, двајца напаѓачи упаднаа во редакцијата на сатиричниот весник во Париз и убија 12 познати новинари и карикатуристи, извикувајќи дека го одмаздиле пророкот Мухамед. Неделникот беше нападнат поради објавување на карикатура од пророкот Мухамед, со што насилно им беше покажано дека слободата на изразување не секогаш има позитивно влијание врз народот. Но, овој весник и после крвавиот напад остана да го критикува општеството и ја продолжи сатирата и борбата за слобода на изразување, покажувајќи дека слободата на изразување е неоделиво право на човекот.

Според Европската конвенција за човекови прави, Член 10.1 „Секој има право на слобода на изразување. Ова право вклучува слобода да се има мислење, да се прима и дава информации и идеи без вмешување на јавната власт, без разлика на границите…”  Тоа што можеме да го видиме во пракса во Република Северна Македонија е тоа дека медиумите се ставени во служба на политичките партии, односно можеме да ја видиме поврзаноста меѓу партиските послушници и јавната доминантна власт. Од секогаш било така, а така и ќе продолжи: политичките партии знаат дека народот е најлесниот материјал за обработка со манипулација, а медиумот е најдобрата алката за тоа. Следствено, послушниците уживаат во “слободата” на говор и “заслужениот” профит додека пак другите, независни новинари се санкционирани за нивниот труд. Загрижувачки е и фактот што и да има тенденција да се вработуваат новинари со соодветна диплома, самите новинари одбираат да се вработат во медиум чија што политичка ориентација одговара со нивната, од страв дека доколку нивните мислења и мислењата на медиумската куќа не се согласуваат, следуваат санкции и закани, а  дипломата е сведена на само еден лист хартија.

Треба да сме свесни дека слободата на изразување е меч со две острици. Ова право не треба да биде искористено во погрешни цели. Секој разумен човек треба да знае дека постојат видови говор кои не уживаат заштита, како што е ревизионистичкиот говор, говорот кој поттикнува насилство и говорот на омраза. Медиумите de jure треба да се тие кои што ќе се борат против говорот на омраза бидејќи имаат големо влијание врз народот, но de facto во нашата држава медиумите често шират говор на омраза, поттикнати од политичките ситуации , можеби не свесни дека овие ставови добиваат широки размери и може да предизвикаат големи последици. Омразата која што ќе се појави и прошири на јавната сцена е само огледало на ставовите и мислењето на моменталното политички соперништво. Можеме да претпоставиме дека за повозрасните граѓани телевизијата е сè уште најдоминантен медиум од кој се информира публиката за настаните во целина и затоа треба да сме свесни за последиците кои содржината на медиумите може да ги предизвика. Линијата меѓу уживањето на слободата на изразување и нејзиното искористување за ширење говор на омраза е многу тенка. Треба да сме свесни дека медиумите не ретко ја преминуваат таа линија, ги користат новинарите во таа цел и често нивното загарантирано право станува повреда на нечие друго право.

            Парадигмата е очигледна, се соочуваме со едно постојано искористување на правото за слободата на изразување за деструктивни цели и сквернавење на неговата суштина или пак негово целосно негирање. Виновници за ситуацијата во која се наоѓаат нашата медиумска култура, е  пред се политичката (не)култура, центарот на моќ и пари, оние кои што ја изгубиле моралната култура и одлучиле на ваков или онаков начин манипулациите и лагите да ги пласираат пред народот со цензурирање на новинарите како нивна главна алатка . Од сето ова народот излегува како најоштетената странка. Единствено решение за излез од овој ќорсокак е да се заштитат граѓаните од дијаметрално спротивните информации за исти настани како и не премолчувањето за кршењето на правото на слобода на говор и изразување. Новинарството ќе тоне се додека јавната власт, која и да било, го има монополот врз медиумите, а во нив работат луѓе кои што се експлоатирани за целите на владеачките елити. Новинарството треба да нуди решенија, а не промоција. Медиумите се само средство на правото за слободно изразување кое треба да врши контрола над моќта во општеството и на тие кои истата ја применуваат. Човекот како морално одговорно битие време е да си го постави прашањето: „Слобода на изразување кај новинарите: Сон или јаве ?“

објавено на 25.12.2020 година

 

project-img project-img project-img