(оригиналниот текст на ромски можете да го прочитате тука)
Мојата фамилија многу ѝ оддава чест на ромската култура. Покрај нас, работите се менуваат, но нашите адети ни кажуваат од каде потекнуваме. Семејните традиции ни покажуваат како да бидеме поблиску еден со друг. Ние сме блиски едни со други, но сме и многу различни.
ЕЛЕМЕНТИТЕ НА РОМСКАТА ФАМИЛИЈА
Во ромската фамилија, се оддава многу голема почит кон постарите. Тие се многу мудри и знаат многу работи. Младите учат од нив за нашите адети и традиции. Едни со други си помагаме и кога доаѓаат тешки и среќни денови. На свадби се собира поблиското семејство за да се помогне да се направи свадбата како што треба. Жените прават подароци (бовчи) кои ги носат на фамилијата и потоа ги носат на свадбата за невестата. Членовите на најблиската фамилија купуваат злато, невестински фустан и други поголеми работи. На свадбата мажите водат ред како келнери. На ромска свадба доаѓаат блиска фамилија, пријатели и комшии. На повеќето свадби нема само гости Роми, туку доаѓаат и гости од други етникуми коишто живеат во нашата земја. Тие се најчесто колеги од работа, комшии, другари и слично. Тие многу ги сакаат ромските свадби, нашите адети, женските шалвари (ромска носија), а најмногу сакаат што имаме големи свадби, сите играат и се среќни. На нив им е интересно што во ромските свадби посебна свадба прави младоженецот, а посебна свадба прави невестата. Прво невестата едната ноќ прави свадба, а утредента доаѓаат од машката страна да ја земат невестата и одат во кафеана на веселба. На средина од свадбата доаѓаат родителите на невестата, сестрите, браќата како гости на свадбата кај зетот. Утредента се прави џумалук (свадба за двајцата) дома кај зетот и доаѓа фамилијата на снаата (околу триесетина членови на поблиската фамилија), носи бакшиши (подароци) на младоженците, имаат богата софра и пак се собираат и се веселат. Во ромските свадби се игра оро и секое оро го води жена. Редот на играњето е од најблиската фамилија, па пријатели и комшии. Кога игра една жена, нејзините мажи, браќа и татковци даваат пари за музиката. Снаата кога влегува во салата зема темана (поздравување на гостите). Гостите кои не се Роми кои доаѓаат на ромската свадба ги гледаат традициите и адетите и ги пренесуваат на другите, раскажувајќи колку се ромските свадби весели.
РОМСКАТА КУЈНА И КУЈНИТЕ НА ДРУГИТЕ ЕТНИКУМИ КОИ ШТО ЖИВЕАТ ВО МОЈАТА ЗЕМЈА
Покрај музиката, обичаите и традицијата, мене ромската кујната ми покажува каква е ромската култура. За мене ромската кујна е мост кој нè зближува со сите луѓе што живееме тука. Кога седиме на една софра (маса) другари од различни етникуми, ние се дружиме и делиме убави моменти. Денес ако ми дојдат другарите Македонци, јас ќе им направам ромско јадење и ќе им кажам во какви пригоди се спремале порано и какво значење имале. Така моите другари ќе научат за нашите традиции и празници. Зошто јас ова го кажувам? Зашто јас учам да бидам готвач во средното училиште „Лазар Танев“. Кога бев помал, мајка ми мѝ покажа како се прават благи јадења. Кога ми кажуваше рецепти мајка ми, таа ми раскажуваше приказни за тие јадења. За Ѓурговден мајка ми готвеше за мене и за сестра ми благи ѓердани од гурабии во разни бои. Кога ги готвеше секоја година ми раскажуваше кога таа била мала и одела со мајка ѝ и татко ѝ на првиот ден на Ѓурговден во зеленилото до француските гробишта и таму си купувале такви ѓердани од слатки гурабии. Мајка ми научила да готви од мајка ѝ, и сега таа со раскажување сака да ја продолжи традицијата.
Од мајка ми научив дека ромската кујна има интересни јадења кои се слични со јадењата на другите етникуми што живеат тука. Еве како пример, ќе ја земам алвата. Алвата што се дели за мевљути (читање молитва за мртвите), се готви за арифе пред Бајрам, ја готват Албанците, Турците, Бошњаците. Сите ја готват од брашно, шеќер и вода на ист начин. Јас кога ќе бидам готвач, шеф на кујна, сакам да готвам традиционални ромски јадења, и да додадам нешто ново во стариот рецепт. Пред некој ден сакав да им направам изненадување на моите домашни и им направив мекици и внатре во тестото додадов путер. Во рецептот имаше само брашно, сол и вода, а јас додадов малку путер да видам каков ќе биде вкусот. Мекиците останаа во иста форма, а нивниот вкус беше многу поубав, многу беа меки и многу повкусни. Сакам преку моето јадење да покажам каква е ромската кујна, и со тоа јадење да ја приближам нашата ромска култура до другите. Сакам да ги научам рецептите и на другите етникуми, да видам кое јадење е слично со ромското јадење, а кое е различно, кога тоа јадење се сервира на маса, во која прилика и дали има интересна приказна за тоа јадење.
КОГА НИ ДОАЃААТ ГОСТИ
Мојата фамилија многу сака кога ни доаѓаат гости. Кога ни доаѓаат гости мајка ми цел ден е во кујна и готви разни јадења. Таа прави кифли, салати, благи и меси пити. Јадењата што ќе ги зготви ги декорира убаво во убави чинии. Кога бев помал мајка ми мѝ велеше дека кога доаѓале гости прво ги послужувале со домашно слатко. Секое лето мајка ми прави домашно слатко и мармалад од разни видови овошје, па сè уште кога ќе ни дојдат гости таа прво ги служи со домашно слатко. Најновото што го научив е слатко од тиква. Многу вкусно за јадење!
Јас сфатив дека кога ги разменуваме нашите рецепти со другите етникуми, ние се запознаваме меѓу себе подобро и така учиме за другите култури. На ромскиот празник Василица ние ги правиме нашите адети на пола ноќ. Јас и мојата сестра сме полазници, носиме среќа во куќата. Утредента чекаме гости. Ни доаѓаат и нашата фамилија и нашите пријатели, Роми и оние кои не се Роми. Мајка ми пече мисирка, прави сарми, прави пача од нозете на кравата како што правел нејзиниот татко. Сите се собираме на маса јадеме, слушаме музика и пееме песни. Етничките празници се многу убав начин како ние луѓето да бидеме поблиску едни со други.
ГИ ДЕЛИМЕ НАШИТЕ РЕЦЕПТИ
Една од работите на којашто сум горд е тоа што во мојата фамилија рецептите за јадења и благи не се само наши. Ние сакаме да ги делиме и со другите. Кога некој ќе дојде кај нас и ќе јаде некое јадење кое им е вкусно, ни бараат рецепт. Мајка ми одма им го кажува рецептот. Еден од рецептите што ги споделува мајка ми е рецептот за блага кајмачина. Кајмачината кај нас се готви само еднаш во годината, само на 6 мај кога е првиот ден од традиционалниот празник Ѓурѓовден.
Зошто ние ги делиме рецептите со другите? Затоа што ние така си ја покажуваме нашата традиција, и тоа што го готвиме со нашето семејство. Така моето семејство го покажува културниот идентитет. Секоја чинија е дел од нашата историја. Кога ги споделуваме рецептите ние добиваме нови другари од други култури.
МОЈАТА ГЕНЕРАЦИЈА-МОСТ ПОМЕЃУ СТАРОТО ВРЕМЕ И ВРЕМЕТО ШТО ДОАЃА
Мене ми е важно да ги знам и да ги чувам нашите ромски рецепти. Кога готвам со мајка ми, јас знам дека учам ромско јадење и ја зачувувам ромската традиција. Еден ден кога ќе бидам професионален шеф во кујна сакам да ги готвам овие јадења, но и еден ден да ги научам и моите деца. Мислам дека тоа е многу важно. Тоа е начин како да се направи мост помеѓу старото време и новото време што доаѓа. Со тоа традицијата ќе се продолжи и понатаму и ќе ја одржи во живот нашата култура. Со ромската кујна мислам дека може да се прошири мултикултурата, затоа што кога сме сите на иста софра, ние не јадеме само јадење, туку другаруваме и учиме повеќе еден од друг. Делиме љубов и историја и создаваме нови спомени.
________________________________________________________________________________________________
Овој блог е дел од серијалот на блогови на тема „Унапредување на мултиетничко општество и промоција на мултикултурата во нашата држава“ напишани од средношколци во рамки на проектот „Младински активизам за инклузивно општество“.
Проектот „Младински активизам за инклузивно општество“ на Институтот за човекови права се спроведува во рамки на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската унија (ЕУ), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).