news-bg

Новости

Проект:
ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА СИТЕ

Заштита на човековите права во вонредни услови


Сите земји потписнички на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) имаат можност врз основа на Конвенцијата да дерогираат определени обврски кои произлегуваат од конвенцијата на определено време и под определени услови односно доколку постои „вонредна состојба“, војна или друга општа опасност која го загрозува животот на граѓаните.[1] Членот 15 предвидува матерјални и процедурални услови со цел дерогацијата да се смета за допуштена.

Но дерогацијата не смее да ги вклучи членовите  2 (право на живот), 3 (забрана на тортура), 4(1) (забрана на ропство и принудна работа), 7 (нема казна без закон), 4 од Протокол 7 (осуда и казна два пати за истото дело), како и Протокол 13 (особено член 2) и Протокол 6 (особено член 3).

Мерките кои се преземени од страна на државата  треба да се пропорционални на целта која треба да ја постигнат. Согласно Уставот на РСМ „Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.“[2]

Принципот на недискриминација е многу важен во тековниот контекст и според Европската Конвенција за човекови права. При проценка дали мерките за отстапување биле „строго потребни“ според член 15 од Конвенцијата, судот би испитувал и дали мерките дискриминираат неоправдано помеѓу различните категории на лица. Исто така, одредени форми на дискриминација можат да бидат подведени и под „деградирачки третман“ кој е  пропишан со член 3, а кој член не може да биде дерогиран во ниту еден случај. Покрај тоа, фактот што не се земени предвид специфичните потреби на одредени лица кои припаѓаат на понеповолна група на граѓани може да резултира со дискриминација.  Забраната за дискриминација на тој начин може да повлече обврски да се преземат позитивни мерки за да се постигне суштинска еднаквост.

И покрај фактот што обемот на преземени мерки како одговор на тековната закана од КОВИД-19 и начинот на кои се применуваат значително се разликуваат од држава до држава, исклучителните мерки преземени во рамките на борбата против ширењето на вирусот најверојатно ќе покренат прашања во врска со нивните потенцијални дискриминаторски последици. Поради нискиот животен стандард, сиромаштијата и неадекватното домување дел од населението се соочува со поголема ранливост, предизвици и ризици во справување со новонастанатата ситуација.  

На пример, правото на образование како што е предвидено во Конвенцијата (член 2 од протоколот бр. 1) и Европската социјална Повелбата (член 17) во принцип треба да се обезбеди, иако начинот на обезбедување бара одредена адаптација. Во нашиот случај тоа е следење на наставата преку онлајн алатки. Сепак, мора да се посвети особено внимание за да се осигури дека членовите на ранливите групи им е обезбедено правото на образование и имаат еднаков пристап до образование односно средства и материјали за следење на таква адаптирана настава.[3]

Покрај обезбедување средства и материјали, потребно е да се обезбедат и соодветни услови за следење на онлајн настава, како за учениците, така и за наставниците. Наставниците би требало да добијат одредени упатства за онлајн предавање од релевантни извори со конкретни препораки, како и кратки обуки за соодветно користење на онлајн алатките, што значи би се унифицирал начинот на наставата со цел наставниците да добијат можност за ефикасно извршување на својата должност. Од образовниот процес кој што се изведува преку користење на онлајн настава не смеат да бидат исклучени лицата со попреченост и ваквиот образовен пристап потребно е да е инклузивен и достапен за сите.[4] Се прават напори за унифицирање на предучилишната и училишната настава [5], но сеуште постојат контрадикторности за кои е потребна детална анализа во поглед на потенцијалните дискриминаторски последици кои би произлегле од преземените мерки.

Одредени форми на дискриминација кои можат да бидат подведени и под „деградирачки третман“ се видливи и во рамки на обезбедување соодветно ниво на здравствена заштита со лица лишени од слобода. Ова се однесува на правото на живот (Член 2 од Конвенцијата) и забрана за тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (Член 3 од Конвенцијата), како и право на здравствена заштита (Член 11 од ревидираната Европска социјална повелба).[6] Конвенцијата постојано бара од земјите потписнички да обезбедат соодветно ниво на здравствена заштита за лицата кои се лишени од слобода.[7] Европскиот комитет за спречување тортура (ЦПТ) издаде Соопштение за начелата во врска со постапувањето со лица лишени од слобода во контекст на пандемијата од КОВИД-19[8]. Тие се однесуваат на различни места, вклучувајќи и простории за полициско задржување, казнено поправни установи, центри за задржување на мигранти, психијатриски болници и установи за социјална заштита, како и на разни новоформирани установи или зони каде лицата се сместуваат во карантин во контекст на пандемијата од КОВИД-19. Нехигиената и супстандарните услови, недоволната медицинска грижа, неефикасноста на правната помош, се само дел од проблемите кои укажуваат на нехуманиот и несоодветен третман на осудените лица и лицата лишени од слобода. Оттука, се поставува прашањето какви мерки се преземени во рамки на обезбедување на право на живот и забрана за тортура и нечовечко или понижувачко постапување.

Во насока на дерогирање на конвенцијата од исклучителна важност е целосна транспарентност на процесот и детално објаснување во врска со потребата, основот целите, обемот и траењето на вонредната состојба и ограничувањата на одредени права. Притоа, треба да се има предвид дека пропорционалноста и неопходноста се елементи кои треба да бидат запазени за целото времетраење на дерогацијата.

 

 

[1] Според член 15 „Дерогирање во случај на вонредна состојба“, оваа можност им стои на располагање во случај на „војна или некоја друга општа опасност, која го загрозува животот на нацијата“

[2] Член 54 од Устав на РСМ

[3] Медиумите известија дека над 800 ученици од Шуто Оризари кои посетуваат настава во Основното Училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ не следат настава поради немање на комјутери и интернет на повеќето деца, со што и самото училиште не ја спроведува наставата. Државата со тоа што не обезбедила соодветни услови за сите за остварување на правото на образование го прекршила ова право и предизвикала дискриминација кон оваа група на ученици.

 

[4] Родителите се жалат дека инклузија во образовниот процес нема. Бараат да добијат домашни асистенти. Исто така нема дидактички материјали во училиштата, ниту пак соодветен  обучен наставен кадар. Статистиките покажуваат дека училиштата бараат да се обезбедат 334 образовни асистенти, што е за 4 пати повеќе од моменталната бројка.

Во 16 скопски основни училишта не подготвиле посебен индивидуален план, а родителите во две од нив одбиле да ги пратат нивните деца со попреченост да посетуваат настава. https://fokus.mk/detsata-so-poprechenost-se-ushte-nemaat-soodvetno-obrazovanie-reagiraat-roditelite/

[5] Пример: http://www.mtsp.gov.mk/pocetna-ns_article-mtsp-edukativni-materijali-igri-i-aktivnosti-za-deca-od-3-do-6-godini-na-platformata-eduino.nspx

[6] 3.1 https://rm.coe.int/covid-toolkit-ms mkd/16809e3c21?fbclid=IwAR2QL9IOrmKGqNDMW8PJKEXmK0aTKLI8Uq7Zln-HI-94E1C2UpJ74dtZq28

[7] Види Худобин против Русија бр. 59896/00, 26 октомври 2006; Како што наведе ЦПТ во Соопштението за начела во врска со постапувањето со лица лишени од слобода во контекст на пандемијата од корона вирус (КОВИД-19), „Несоодветно ниво на здравствена заштита може брзо да доведе до ситуации кои спаѓаат во поимот „нечовечко и понижувачко постапување“

[8] https://www.coe.int/en/web/cpt/-/covid-19-council-of-europe-anti-torture-committee-issues-statement-of-principles-relating-to-the-treatment-of-persons-deprived-of-their-liberty-