news-bg

Новости

Проект:
ПРИСТАПОТ ЗАСНОВАН НА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД-19 КРИЗАТА

ДОКУМЕНТ ЗА ЈАВНИ ПОЛИТИКИ: ЗНАЧЕЊЕТО НА ПРИСТАПОТ ЗАСНОВАН НА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА ОДГОВОРОТ НА ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД KОВИД-19 ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Ковид-19 пандемијата, која веќе влегува во својата трета година, сериозно ги погоди граѓаните, бизнисите и целокупниот општествен систем во Република Северна Македонија. Владата на РСМ презеде низа мерки и стратегии, со цел заштита на населението, кои во најголем дел беа неопходни и сразмерни, но сепак различно влијаеа на засегнатите страни. И покрај опсежноста на државниот одговор, реалноста вели дека при креирањето на политиките и при носењето одлуки не беа земени предвид специфичните услови во кои се наоѓаа ранливите граѓани, како што се лицата со попреченост, Ромите, постарите лица, лицата cо ниски приходи, децата, жртвите на семејно и родово базирано насилство, сексуалните работници, како и барателите на азил. Оттука, примената на пристапот заснован на човекови права (ПЗЧП) при донесувањето и спроведувањето на политиките, мерките и програмите е единствениот начин кој може да помогне не само во заштитата на јавното здравје, туку и во заштитата на човековите права на особено ранливите категории. Во време на криза, ПЗЧП и дава на државата незаменлива и сигурна алатка преку која ќе гарантира дека никој не е заборавен и дека принципите што се исклучително важни за човековата благосостојба се интегрирани во поправеден, реален и одржлив непосреден или долгорочен одговор на пандемијата.

Оттука, целта на овој документ за јавни политики е да го анализира одговорот на Владата на РСМ (стратегиите, одлуките и целосниот пристап на институциите) на здравствената криза, како и последиците од истиот кои настанаа врз маргинализираните граѓани, и со тоа да укаже зошто принципот заснован на човекови права е најефективното решение за креирање на инклузивни јавни политики, особено во време на криза. Анализава се однесува на периодот од 2020 и 2021 година, и истава, воедно, ќе даде заклучоци и препораки, со цел да се подобрат владините мерки во иднина, а рестрикциите да обезбедат добра основа за почитување на човековите права на сите граѓани, особено на оние кои припаѓаат на ранливите групи.  


Документот е достапен на македонски јазик и на албански јазик

Кратко резиме на документот е достапно на англиски јазик тука.